
Премиера на „Малограѓанска свадба“ на Теа Беговска во Тетовскиот театар
Претставата „Малограѓанска свадба“ од Бертолд Брехт, а во режија на Теа Беговска, ќе биде премиерно изведена вечерва во 19 часот на сцената на Тетовскиот театар. Музиката е на Енес Беговски, костимите – на Андреј Ѓеоргиевски. Улогите ги толкуваат: Арсим Калеци, Ирена Мирческа, Миа Кантарџиева Петровска, Ѓорѓи Нешкоски, Елмир Сејфулаи, Гордана Ендровска, Аргенд Хасани, Беким Смаили.
– Среде свадбена вечера каде што публиката е сведок на времето, времето сега и овде, толпа малограѓани ја рушат идеалната слика за брак претворајќи ја во гротеска. Деморализирањето на малограѓанштината ни дала стотици аргументи дека не треба да постои, а од друга страна е присутна цело време, во сечие човечко однесување. Денес одредени емоции (или човечки однесувања) се во интерес на креаторите на општествените состојби и нивна основна задача е одржување на овие состојби. Во суштина нивната улога е: маѓепсување, успивање, одржување ниско ниво на свест кај сеопштата толпа. Толпата од малограѓани ужива да биде маѓепсана од креаторите. Во нашиот простор и време секојдневно ја храниме малограѓанштината, ја одржуваме во живот, ја негуваме, и’ се смееме, вперуваме прст во неа и истовремено ја прифаќаме. Нашата приказна завршува таму каде што не постои простор и време, завршува таму каде што животот тече без престан, таму каде што се’ сакаме да чуеме, а не слушаме, таму каде што се’ сакаме да видиме, а не гледаме. Таму каде што се’ повеќе добива смисла паролата на Брехт – “Државата ни пропаѓа, а вие – државата ни пропаѓа.” – се вели во објаснувањето на претставата.