Тетовски театар со две репризи на претставата „Бог на масакрот“
Тетовски театар ќе изведе две репризи на претставата „Бог на масакрот“ која беше премиерно изведена на 28 април. Првата реприза е вечерва, сабота 20 мај од 20 часот во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово, додека втората е во петок на 26 мај во истиот термин.
Режисер на претставата е Милош Андоновски додека ликовите ги толкуваат актерите Ѓорѓи Нешкоски, Ирена Мирческа, Марко Богдановски и Миа Кантарџиева Петровска.
-Претстава е според текстот на француската авторка Јасмина Реза, „Бог на масакрот“ напишан во 2006 година. Третира една вечна тема во било кое време, тема на родителството, на воспитувањето на децата. Има и други под-теми кои овој текст ги отвора како прашања но одлучивме да се држиме до начинот на воспитување на децата и како однесувањето на возрасните се пресликува во секојдневното функционирање на самите деца. Двата пара се среќаваат во паркот и да го средат односот меѓу децата, но излегуваат на виделина недоразбирања и несогласувања и сфаќаат дека можеби не се совршени партнери еден за друг, изјави Андоновски.
Тој вели дека во оригиналниот текст дејствието се одвива во дневна соба на еден од паровите, додека тие направиле измена и сите дијазлози се одвиваат во паркот каде се степале децата, а подоцна се сретнале и родителите.
Сценографија е на Мартин Манев, костимографија Ирина Тошева, а дизајн на постер е на Наташа Вчкова.
Извор: МИА